Екипите на Монтреал Канадиенс и Далас Старс одиграа неверојатен натпревар кој беше „поделен“ на два дела. Најпрво, во првата половина на натпреварот, Монтреал постигна три погодоци преку Јоел Армиа, Џордан Вил и Ник Казанс и после триесетина минути игра имаше предност од 3-0. До крајот на втората третина, Далас намали на 3-2 со головите на Матиас Јанмарк и Тајлер Сегуин. Блејк Комо го израмни резултатот во третата третина и го однесе натпреварот во продолжение. Неполни три минути по почетокот на продолжението, Тајлер Сегуин, со својот втор гол на натпреварот, го направи целосниот пресврт и ја однесе победата во Тексас.
После овој натпревар, двете екипи имаат целосно контрастна низа – Монтреал има четири последователни порази, додека Далас има серија од четири врзани победи. Монтреал се наоѓа на дванаесеттата позиција во Источната конференција, а Далас е второпласиран, со само бод заостаток во однос на првопласираниот тим на Ст. Луис Блуз на западот.



