Екипите на Ванкувер Кенакс и Чикаго Блекхокс го одиграа еден од трите синоќешни дуели. Во Британска Колумбија славеа домашните Кенакс со резултат од 3-0 за втората последователна победа. За Чикаго, ова беше петтиот пораз во низа. Играч на натпреварот беше голманот на Ванкувер, Јакоб Маркстром. Швеѓанецот имаше сто процентен учинок одбранувајќи ги сите четириесет и девет удари на противникот. Головите ги постигнаа Бо Хорват во првата, Адам Годет во втората и Брендон Сутер во третата третина.
Овој натпревар беше посебен за домашната екипа. Имено, пред самиот почеток, челниците на Ванкувер одлучија да ги повлечат броевите 22 и 33 во чест на нивното легендарно дуо составено од близнаците Хенрик и Даниел Седин. Швеѓаните беа дел од канадската екипа цели осумнаесет години и во целост го одбележија овој век не само во Ванкувер и Канада, туку и во цела лига. Даниел Седин одигра вкупно 1306 мечеви во НХЛ притоа постигнувајќи 393 голови и 1041 поен. Слични се бројките и на Хенрик кој одигра 1330 натпревари проследени со 240 голови и 1070 поени.



