Третата рунда во женската конкуренција на Аустралиан Опен се покажа како кобна по фаворитите. Откако Серена Вилијамс беше елиминирана од страна на Чанг Ванг, истата судбина ја снајде и актуелната шампионка – Наоми Осака. Осака забележа пораз од петнаесетгодишната Коко Гоф – истата тенисерка којашто минатата година ја елиминира Венус Вилијамс од овој турнир. Гоф славеше после само еден час и осум минути игра со 2-0 (6-3, 6-4). Со оваа победа, двете тенисерки се израмнија во меѓусебните дуели со по една победа имајќи во предвид дека Осака славеше со 2-0 (6-3, 6-0) во третата рунда од минатогодишниот УС Опен. Во осмина-финалето, Американката ќе игра против победничката од дуелот помеѓу Шуаи Жанг и Софиа Кенин.
Гоф ја забележа својата осма победа на грен-слем турнирите. Таа се наоѓа на седмата позиција на вечната листа за најмногу грен-слем победи на тенисерки помлади од шеснаесет години. Пред неа се Џенифер Каприати (28), Андреа Јегер (19), Трејси Остин (13), Моника Селеш (11), Габриела Сабатини (9) и Кети Риналди (9).



