Третиот натпревар од вајлд кард рундата во плејофот од тековната НФЛ сезона го одиграа Њу Орлеанс Сеинтс и Минесота Викингс. Истите ривали се соочија и во плејофот пред две сезони кога Минесота со тачдаунот во последните секунди си обезбеди пласман во конференциското финале. Сеинтс ја имаа шансата за реванш на својот „Мерцедес-Бенц Супердом”, а истата беше прокоцкана и тоа после продолжение. Во регуларниот дел, натпреварот заврши со 20-20, а Минесота дојде до победата со тачдаунот на Кајл Рудолф во првиот напад од продолжението. Во првите четири четвртини и двете екипи постигнаа по два тачдауни и тоа Камара и Хил за Сеинтс, а Кук два пати за Викингс.
Во конференциското полуфинале, Викингс ќе играат против Сан Франциско 49ерс, а Грин Беј Пекерс ќе го чекаат победникот од натпреварот помеѓу Филаделфија Иглс и Сиетл Сихокс.



