Третиот натпреварувачки ден од Новогодишната турнеја традиционално се оддржа во Инсбрук, Австрија.
Линдвик славеше на претходното натпреварување во Гармиш-Партенкирхен, а одличното скокање го продолжи и вчера освојувајќи ги квалификациите за третото натпреварување. Одличната форма ја потврди со својата втора победа во кариерата, денес, во Инсбрук. Норвежанецот беше само 1,3 поени пред вториот Давид Кубацки што ги оствари по првата серија имајќи во предвид дека вториот скок и на двајцата им беше идентичен до децимала. До третата позиција и својот 20. подиум дојде Танде кој беше 12. после првата серија. Во првите десет завршија и Крафт, Лаје, Шлиренцауер, Форфанг, Гајгер, Петер и Домен Превц. Рјоју Кобајаши потфрли денес и заврши на 14. место, а со самото тоа падна од првата на четвртата позиција во пласманот на Новогодишната турнеја. Приматот го превзема Кубацки кој има 9,1 поени предност пред Линдвик и 13,3 поени предност пред Гајгер.
„Во тешко натпреварување успеав да дојдам до победата и среќен сум заради тоа. Се надевам дека ќе продолжам така.” – изјави Линдвик по својот победоносен скок.



