Хајсман Трофи е една од најпрестижните индивидуални награди во американскиот фудбал, а ја добива играчот кој покажал најдобри перформанси во регуларниот дел од сезоната на НЦАА (колеџ лига). Минатите две години, со ова достигнување се закитија Бејкер Мејфилд и Кајлер Мареј, а и двајцата играчи беа избрани како прв пик на драфтот во 2018 и 2019. Од 2000 година, па сè досега, шест играчи кои го освоиле Хајсман Трофи биле избрани како прв пик – Карсон Палмер, Сем Бредфорд, Кам Њутон, Џамеис Винстон како и гореспоменатите Мејфилд и Мареј. Освен нив, во последните неколку години, Хајсман Трофи освоија и други квалитетни играчи како Дерек Хенри, Ламар Џексон и Маркус Мариота.
Оваа година, со ова признание се здоби квотербекот на ЛСУ (Луизијана Стејт Универзити) – Џоу Бароу. Бароу покажа неверојатни перформанси и постави неколку рекорди на својата конференција. Освен со 13 победи од 13 натпревари, тој со 48 тачдауни и 4715 јарди освоени со додавање стана првиот играч од Југоисточната Конференција кој стигнал до овие броеви.
Најверојатно, првиот пик на наредниот драфт ќе го добие екипата на Синсинати Бенгалс, којашто се соочува со проблеми на позицијата квотербек, такашто голема е веројатноста да го изберат Бароу како свое ново засилување.



