После првите две воведни победи на Даниел Андре Танде, во Нижни Тагил добивме нов победник. До првата победа во својата кариера дојде Јапонецот Јукија Сато пред сè преку одличниот скок од 132 метри во втората серија. Сато беше седмопласиран после првиот дел, а останатите шест противници што се наоѓаа пред него, потфрлија во втората серија. На втората позиција заврши Карл Гајгер кој му претходеше на дуото од Австријанци составено од Филип Ашенвалд и Грегор Шлиренцауер. Петер Превц беше прв после првиот скок, а на крајот заврши осми. Победникот на првите две натпреварувања, Танде, заврши на разочарувачкото 21. место кое го делеше со Михаел Хајбек. Без поени останаа неколку квалитетни натпреварувачи како Ајзенбихлер, Волњи, Куделка, Климов и Домен Превц.
Танде останува водечки во генералниот пласман, а битката за второто место е во огромна неизвесност. Предводник е Анже Ланишек, а уште тројца натпреварувачи (Ашенвалд, Гајгер и Рјоју Кобајаши) се наоѓаат на разлика помала од 30 поени.



