Вториот натпреварувачки викенд во крос-кантри скијање се одржа во норвешкото гратче Лилехамер. Денес, на програмата беа скијатлоните кои кај дамите изнесуваа вкупно 15 км, а кај мажите – 30 км.
Во женската конкуренција победи локалната ѕвезда – Тересе Јохауг пред Џесика Дигинс и Хаиди Венг.
Ова беше 50. победа за Норвежанката и вкупно 100. подиум на долги патеки.
„50. победа на долги патеки ? Ох, Господе, не знаев за тоа. Ова е перфектен ден за да се прослави ова достигнување. Отсекогаш е било убаво да се слави во својот роден град. Навистина сум среќна.” – одговори Јохауг на прашањето од новинарите на ФИС Ски.
Во машката конкуренција имаше поголема неизвесност. Како најбрз се покажа Русинот Александер Болшунов кој за 2.2 секунди беше побрз од Холунд, а за 7.9 побрз од Иверсен. На четвртото место се најде Клебо, а дури пет натпреварувачи имаа заостаток помал од една минута вклучувајќи ги и Сундби и Роте.



