Во периодот од 1961 до 1989, Германија била поделена на два дела со Берлинскиот ѕид. Западна Германија била индустриската и побогатата територија, додека Источна Германија била помалку развиена. Сепак, на фудбалски план, Источна Германија покажала солидни успеси. Во 1974, Магдебург го освоил тогашниот КПК, тимовите како Динамо Дрезден, Локомотив Лајпциг, Ханза Рошток и Карл-Маркс Штад прикажувале солидни партии во Европа, а националниот тим во неколку наврати бил блиску до пласман на европско првенство. Сето тоа се сменило со падот на Берлинскиот ѕид и спојувањето на двете територии во една единствена земја. Фудбалските екипи од западот привлекувале повеќе внимание и повеќе инвеститори. Сето тоа резултирало со поголем и побрз фудбалски развој во тие делови од државата. Таа е една од главните причини за „почетокот на крајот” на источно-германскиот фудбал.
Според одредени теоретичари, најголема причина за колапсот на источно-германскиот фудбал била новата реформа во Бундеслигата. Претходно, во првата лига на Западна Германија учествувале 18, а во првата лига на Источна Германија учествувале 14 екипи. Наместо да се направи поинаква фузија, надлежните донеле одлука за малку бизарен формат. Сите 18 екипи од првата лига на Западна Германија останале во Бундеслигата, а од Источна Германија влегле само два тима – Динамо Дрезден и Ханза Рошток. Другите екипи од „понепопуларната” лига биле сместени во вториот, па дури и во третиот ранг на германскиот фудбал. Магдебург, кој важел за велесила во тој период, бил сместен дури во третата лига – момент од кој се опоравиле дури во 2015 кога повторно почнале да се натпреваруваат на професионално ниво.
Динамо Дрезден бил релегиран од Бундеслигата во 1995 со милионски долгови останати зад себе. Клубот, оттогаш, сè уште нема заиграно во првата дивизија. Тимот на Ханза Рошток бил експресно релегиран, но се вратил во 1995/96. Во Бундеслигата останал десет години и можел да се задоволи само со шестото место како рекорден пласман. После релегацијата, поминал две сезони во втората лига и во 2007/08 пак се вратил во Бундеслигата. Доживеана била уште една експресна релегација и тешки периоди кои резултирале со пад на овој клуб до третата лига кадешто игра и денес. Локомотив Лајпциг заиграл во највисоката лига само една сезона – во 1993/94. Енерги Котбус е уште еден тим од Источна Германија кој бил член на Бундеслигата во повеќе наврати, но највисок резултат остварил во 2006/07 со 41 освоен поен и пласман на 13. позиција.
Источниот дел на обединетата Германија почнал да се развива со почетокот на 21. век. Резултат на тоа е појавата на квалитетни играчи како Микаел Балак и Тони Крос кои ги започнале своите фудбалски чекори во новите фудбалски младински школи. Единствен пример за успешен клуб од источниот дел на Германија (по падот на Берлинскиот ѕид) е само Ред Бул Лајпциг. Клубот е формиран во 2009, а веќе во 2016/17 заигра во Бундеслигата прикажувајќи многу солидни и конкурентни партии. Вложените пари ги оправда со пласман во Лигата на шампионите, а воедно ја врати и надежта за „воскреснувањето” на источно-германскиот фудбал.



