Нотингем 1-0 Дерби
Најголемите ривали кои се натпреваруваат за престиж во источниот дел на Мидлендс се соочија денес на „Сити Граунд“ во Нотингем. Домаќините славеа со голот на Грабан во 56. минута по грешката на Џејден Богл. Нотингем со оваа победа има шанси бодовно да се израмни со второпласираниот Престон со оглед на тоа дека има натпревар помалку.
Барнсли 2-4 Стоук
Двете последнопласирани екипи во Чемпионшип ни пружија одличен натпревар со дури шест погодоци. Стоук на тренерската позиција пред неколку дена го доведе Делап кој беше селектор на Северна Ирска. Ирецот со победа ја започна својата кампања во моментално најстариот професионален англиски клуб. Стоук поведе со головите на Клукас и Грегори од пенал. Во 46. минута, за Барнсли постигна погодок МекГиан, а во периодот од 63. до 67. минута, Стоук ја завери победата преку Ален и вториот гол на Грегори. Во 82. минута, на теренот влезе Шмид кој за неполна минута постигна почесен погодок за Барнсли.
Бирмингем 0-1 Фулам
Со оваа победа, Фулам се искачи на шестата позиција, а триумфираше благодарение на 12. гол на Александар Митровиќ во оваа сезона. Бирмингем за малку не стигна до изедначување откако при крајот на натпреварот Јуткиевич погоди статива.
Хал 0-1 ВБА
ВБА мудро си ја зачува првата позиција на табелата совладувајќи ги „Тигрите” со голот на Ливермор во 28. минута. Хал покажа солидна игра, но сепак тоа не беше доволно за да скокне неколку позиции на табелата со освоен бод.
Лидс 2-1 Блекбурн
Лидс доминантно го одигра цел натпревар, а сите погодоци паднаа во првото полувреме. Најпрво, во 30. минута, Бамфорд биеше прецизно од пенал за пет минути подоцна Харисон да ја удвои предноста на домаќините. Блекбурн , во 40. минута, ја намали предноста преку Вилијамс, но сепак со пораз ја прослави својата јубилејна 140. годишнина.
Милвол 2-1 Чарлтон
Огромното ривалство помеѓу Милвол и Чарлтон беше решено на најдобар можен начин во корист на „Лавовите” – со победоносен гол во судиското продолжение од страна на Смит. Чарлтон, иако важеше за фаворит, губеше по првите 45 минути бидејќи, уште во 6. минута, за Милвол прецизно стрелаше Хатчинсон. Гостите успеаја да израмнат преку Леко во 51. минута, но сепак на крајот беа приморани да го запишат својот втор последователен пораз.
Престон 3-1 Хадерсфилд
Престон со одлична игра го надигра тимот на Хадерсфилд кој се наоѓа во солидна форма. После 50 минути, резултатот беше 3-0 во корист на домаќините. Головите ги постигнаа Стокли, Браун и Галагер. Бакуња во 74. минута ја намали предноста на Престон и најави интересна завршница која не заврши со реализација.
КПР 2-2 Мидлсброу
На „Лофтус Роуд” беше одигран еден доста изедначен натпревар. Мидлсброу со двата гола на Брит Асумбалонга успеа да извлече реми против фаворизираниот КПР иако губеше со 2-1 на полувремто. КПР, до предноста дојде со голот на Наки Велс во 25. и автоголот на Хоусон во 44. минута.
Рединг 3-0 Лутон
Лутон го запиша четвртиот пораз во низа откако во целост беше издоминиран од Рединг. Домаќините, од вкупно четири шута во рамките на голот, погодија три. Стрелци на головите беа Морисон, Еџариа и МекКлири, а Свифт запиша две асистенции.
Шефилд Венздеј 2-2 Свонси
Свонси, по постигнатиот гол на Ају во 32. минута, добро се држеше во натпреварот сè до 81. минута кога Форестиери израмни со својот прв лигашки погодок уште од април. Десет минути подоцна, Фокс постигна гол за целосен пресврт, но Вилмот во последната минута му донесе реми на тимот од Велс.
Виган 0-3 Брентфорд
Овој натпревар беше единствен од ова коло на којшто имаше црвени картони. Најпрво, во 72. минута, од игра излезе Кипре и го остави Виган со играч помалку при резултатска негатива од 0-2. Првите два гола ги постигнаа Мбеумбо и Мокотџо, а во 83. минута, во листата на стрелците се запиша и Да Силва. Во 97. минута беше доделен уште еден црвен картон, а жртвата беше Жанвие. Ова е прв црвен картон за Гвинеецот во дресот на Брентфорд.
Во неделниот термин од 13:00 ќе се соочат Кардиф и Бристол Сити.



