Денес, во рамките на последното коло од групната фаза на СП, требаше да бидат одиграни три натпревари. Сепак, заради тајфунот Хагибис, два дуели беа откажани. Станува збор за дуелите помеѓу Нов Зеланд и Италија односно Англија и Франција. Доколку овие натпревари не бидат одиграни дополнително, на екипите ќе им бидат доделени по два поени сметајќи дека одиграле нерешено. Единствениот дуел што се одигра беше во групата А помеѓу Ирска и Самоа. Пред овој двобој, двете екипи одиграле вкупно 6 натпревари од кои Ирска има пет, а Самоа една победа, но ниту еден од тие натпревари не бил на СП.
Во првото полувреме видовме пет есеи, еден жолт и еден црвен картон. За Ирска, есеите ги постигнаа Бест, Фурлон и Секстон (2), а Секстон погоди три од четирите конверзии. Жолт картон за Самоа доби Лем, а истиот играч го постигна и единствениот есеј за селекцијата од Океанија. Црвен картон за Ирска доби Аки во 29. минута. Во вториот дел, исто така, први поентираа Ирците преку есејот на Лармур и четвртата конверзија на Секстон. Во 59. минута, Самоа доби уште еден жолт картон – втор за Иоане на ова СП. Додека беа со играч помалку, Самоанците успеаја да примат уште еден есеј – поентер беше Си Џеј Стандер, а Кербери погоди за нови два поени. До крајот, одбраната на Самоа капитулираше уште еднаш, а до својот прв есеј на мечот дојде Конвеј. Кербери го погоди дополнителниот шут и го заврши натпреварот со шутирачка успешност од 100%. Ирска, со оваа победа, избори четврт-финале, а утре ќе го дознае својот противник. Потенцијални противници им се Јужна Африка, Нов Зеланд и Италија.



