За прв пат во историјата се соочија екипите на Австралија и Грузија и тоа во последното коло од групата Д. Од оваа група, Австралија и Велс изборија пласман во четврт-финалето, но сè уште не се познати нивните противници како и нивниот конечен пласман во групата. Грузија запиша два порази и една максимална победа против Уругвај пред почетокот на овој дуел, а Австралија оствари две максимални победи и еден пораз од Велс во којшто заработи дополнителен поен.Овој меч беше последен за Мамука Горгодзе во дресот на Грузија. Популарниот „Гуливер”, за Грузија има одиграно вкупно 72 натпревари и настапуваше на последните четири СП.
До сега, Австралија никогаш нема загубено два натпревари во групната фаза на едно СП, па освен квалитетот, потпомогната и од овој факт, влезе како голем фаворит во овој дуел. „Волабис” ја оправдаа фаворитската улога и победија со 27-8. Во првото полувреме, резултатот изнесуваше 10-3, а есејот го постигна Вајт. Дури после 20 минути игра во второто полувреме ги видовме наредните поени. Најпрво Короибете постигна есеј кој успешно беше конвертиран од Тоомуа, а десет минути подоцна, Тодуа со првиот есеј за Грузија на мечот, ја намали предноста. Тоа беше сè што покажаа Грузијците, а во последните пет минути Демпси и Гениа постигнаа по еден есеј за конечна победа на Австралијците.



