Дербито на третото коло во групата Б го одиграа Јужна Африка и Италија. Италија во овој натпревар влезе со две победи во првите две кола над Намибија и Канада и конечно доби прилика да се соочи со поквалитетен противник. Јужна Африка претрпе пораз во првото коло од актуелните шампиони, Нов Зеланд, а во второто коло го совлада својот сосед – Намибија.
„Спрингбокс” одлично го отворија и овој натпревар и на полувреме заминаа со предност од 17-3. Италија изгледаше како екипа која може да се спротивстави, но во 43. минута, Ловоти доби црвен картон, па на Африканците им преостануваше само да направат серија од 32-0 во последните 30 минути игра и на крај да ги победат „Аѕурите” со 49-3. Единствените поени за Италија ги постигна Алан од пенал, а за Јужна Африка есеј постигнаа Колб (2), Мбонамби, Ам, Мапимби, Снајман и Маркс. Шутерот Полард постигна 14 поени – четири конверзии и два пенали.



