Одличен натпревар проследивме на „Лембо Филд” во кој се соочија Грин Беј Пекерс и Филаделфија Иглс. Фаќачот на Пекерс, Деванте Адамс, ја круниса својата одлична игра во првата четвртина со одлична акција преку која освои 58 јарди и го најави првиот тачдаун на натпреварот што го постигна Арон Џонс. Втората четвртина ја одбележа Карсон Вентз кој во три последователни напади постигна по еден тачдаун. Сепак, Пекерс не заминаа на пауза со голема негатива благодарение на Арон Роџерс кој во последната минута (т.е. за 59 секунди) успеа да го помине цел терен и потпомогнат од својот фаќач, Џеронимо Алисон, постигна тачдаун во завршните секунди на полувремето. Во третата четвртина видовме по еден тачдаун и од двете екипи, а Филаделфија ја отвори последната четвртина со тачдаун-пробивање на Хауард. Ова беа првите поени што одбраната на Грин Беј ги прими во последната четвртина оваа сезона. Интересна ситуација имаше во наредниот напад кога Грин Беј имаа четири нови обиди за поентирање на само еден јард од енд-зоната, но не искористија ниту еден. Натпреварот се заврши катастрофално за Пекерс кои на половина минута до крајот имаа напад за израмнување на три јарди од противничката енд-зона, но наместо тачдаун, видовме пресечено додавање со кое заврши натпреварот. Крајниот резултат изнесуваше 27-34 во корист на Иглс кои им го нанеа првиот пораз на Пекерс сезонава.
Факти од натпреварот:
– Деванте Адамс имаше 6 фаќања за 107 јарди во првата четвртина. Тоа е најмногу за било кој фаќач на Пекерс во првата четвртина уште од 26. септември 2004 кога Џејвон Вокер освоил 121 јард против Индијанаполис.
– Деванте Адамс освои 158 јарди во првото полувреме што е најмногу за било кој фаќач на Пекерс во првото полувреме уште од 20. декември 1998 кога Антонио Фримен освоил 169 јарди против Тенеси.



