Во Битола, од 19. до 22. септември, Фудбалската федерација на Македонија под покровителство на Фудбалската асоцијација на Норвешка го организираше вториот семинар за развој на женскиот фудбал во Македонија. Во реализација на програмата активно се вклучија и ОФС – Битола како и општина Битола, ЖФК Топ Гол, ЖФК Ателетико и ФК Пелистер.
Семинарот се одржа на терените “Павел Шатев“ и “Тумбе кафе“, а учество земаа дваесет кандидатки кои ги комплетираа обврските со голем успех. Покрај теоретските и практични презентации од норвешките инструктори, кандидатките учествуваа и во практична работа на фестивалот на женски фудбал кој се одржа во два дена (21/22 Септември), а на кој учество земаа околу 110 девојчиња од Битола на возраст од 5 до 15 години.

По завршување на семинарот и комплетирање на обврските, сите кандидатки добија соодветна опрема за отпочнување на фудбалски активности во рамките на својот клуб, училиште или место на живеење, а чии активности ќе бидат една од темите на пролетниот конторолен семинар.
Фудбалската федерација на Македонија и Фудбалската асоцијација на Норвешка би сакале да им се заблагодарат на сите кандидатки кои учествуваа на семинарот, но во исто време упатуваат благодарност до ОФС Битола и општина Битола за големата логистичката помош при реализација на овој настан. Исто така, упатуваме голема благодарност до ЖФК Топ Гол и ЖФК Атлетико од Битола, како и сите наставници од основните училишта чии девојчиња учествуваа во фестивалот на женски фудбал.

Извор: ФФМ



