Македонија го организираше традиционалното 43-то издание на меѓународниот турнир ,, Бранко Хаџи Иљоски” каде што во утешното мало финале стигна до максимална победа од 3:0 над Бугарија по сетови (25:23, 25:21 и 25:19) и го освои третото место.
По вчерашниот пораз од Украина во полуфиналето, селекторот Никола Матијашевиќ и неговите избраници се прикажаа во поинакво светло и стигнаа до важна победа која ќе ги поткрене мотивите и самодовербата пред деби настапот на Европско првенство во Словенија.
Никола Ѓорѓиев заврши најефикасен со16 поени, Љафтов 11, а Милев 9 поени. Кај Бугарија, Розалин Пенчев заврши со 12, а Соколов со 9 поени. Украина го освои првото место на турнирот “Чајка” откако во финалето ја совлада Белгија со 3:1 по сетови (25:22, 22:25, 25:20, 25:22).
За најдобар играч беше прогласен украинскиот капитен Олег Плотнитскиј, а за најдобар техничар нашиот организатор на играта Ѓорѓи Ѓорѓиев. На ,,Спартанците” им преостануваат уште две контролни средби против Австрија во Сент Полтен, како последна подготовка за настапот на Европското првенство во групата во Љубљана од 12-ти до 18- ти септември.



