Плимут Аргајл е професионален спортски клуб кој потекнува од градот Плимут во областа Девон, Англија. Моментално се натпреварува во четвртата англиска лига „благодарение” на минатосезонската релегација од третата лига. Домашните натпревари ги игра на „Хоум Парк” – стадион со капацитет од 12 800 гледачи.

Датирање на името:
Клубот бил формиран во 1886, а првичното име му било Аргајл ФК. Прекарот „Аџии” (англиски: Pilgrims) го превземал од англиска етничка група што во 1620 година го напуштила Плимут и заминала во САД со бродот „Мерифлауер” што се наоѓа на логото на Плимут Аргајл. Низ историјата, клубот претежно играл со зелено-бела опрема, а во 2001/02 била присвоена темна нијанса на зелената боја што била наречена „аџиско” зелена во чест на прекарот на тимот. Истата таа боја сè уште е користена од страна на овој клуб. Плимут е единствениот професионален клуб што го содржи зборот „Аргајл”.
Има три теории што го објаснуваат овој чин. Имено, првата теорија тврди дека зборот „Аргајл” е превземен од локалната армија Аргајл енд Сатерленд Хајландерс што имала исклучително силен фудбалски тим. Втората теорија доаѓа од името на пабот „Аргајл Таверн” кадешто неофицијално е основан клубот, а третата теорија е по името на локалната улица „Аргајл Терас”.
Во 1903 клубот станал професионален и тогаш е превземено целосното денешно име – Плимут Аргајл ФК.

Историја:
Во 1903, овој клуб се приклучил во Саутерн Лиг – тогашната англиска трета лига. Во сезоната 1912/13 бил шампион во оваа лига. Од сезоната 1921/22 до 1926/27, Плимут бил второпласиран во третата лига шест години по ред и за жал не успеал да избори промоција. Конечно во сезоната 1929/30 бил шампион на третата и успешно влегол во втората лига.
Плимут бил член на втората лига точно две децении. Во 1949/50 завршил на 21. позиција и му фалеле два поени за да обезбеди опстанок, па бил релегиран во третата лига. Само една сезона подоцна, бил шампион на третата лига и повторно се вратил во втората забележувајќи го највисокиот пласман во историјата – четврто место во втора лига во сезоната 1952/53. Во 1955/56, Плимут повторно бил релегиран во третата, а во 1958/59 победнички се вратил назад во втората лига. Од тој период па сè до крајот на првата деценија од 21. век, Плимут се натпреварувал наизменично во втората и третата лига. Во тој период го остварил и својот најдобар пласман во ФА Купот – полуфинале во 1983/84.
Во 2010/11, клубот доживеа двојна релегација и играше во четвртата англиска лига, но во сезоната 2016/17 како второпласиран избори пласман во третата. Сепак во 2018/19 во последното коло се соочи со нова релегација.
Ривали:
Плимут е најголемиот град во Англија што никогаш не бил домаќин на прволигашки фудбал. Воедно Плимут Аргајл е најјужниот и најзападниот тим во англиската фудбалска лига.
Најголеми ривали му се другите два тима од Девон – Ексетер и Торки. Други ривали се Портсмут, Бристол Сити и Бристол Роверс.
Заради одредени натпревари е зголемен и анимозитетот кон Викомб Вандерерс, Лутон Таун и Барнли.



