Два познати англиски тима се пред згаснување ! Станува збор за фамозните Болтон и Бери кои имаат финансиски проблеми, а рокот за стабилизирање им е денес до 18 часот по средноевропско време (17:00 по локално време). Доколку не се најдат нови спонзори и сопственици до предвидениот рок, двата тима ќе бидат исфрлени од англиската фудбалска лига и ќе се натпреваруваат во аматерските лиги.
Болтон веќе неколку години се мачи со финансиите. Сметките на клубот се блокирани, а играчите немаат земено плата со месеци. Вистинско чудо беше како своевремениот англиски гигант минатата сезона опстојуваше во Чемпионшип. После минатосезонската релегација, Болтон сега се натпреварува во третата англиска фудбалска лига и го држи претпоследното место потпомогнат и од казната од 12 поени. Во првите четири натпревари забележа само едно реми од 0-0 против Ковентри и сè уште е без постигнат погодок. За Болтон моментално настапуваат млади играчи од академијата.
Бери исто така се натпреварува во третата лига откако минатата сезона избори промоција од четвртата лига. И овој тим, исто како и Болтон, е казнет со 12 поени, но разликата е во тоа што Бери до сега нема одиграно ниту еден натпревар заради штрајкот на играчите. Сопственикот на клубот – Стив Дејл веќе извесно време дава лажни изјави и „си игра” со јавноста алудирајќи дека ги исплатил играчите, а заради одредени причини не смее да го напушти својот имот без придружба на полицијата. Најжесток во демантирањето на изјавите на Дејл е играчот за врска на Бери – Стивен Досон кој во една прилика го карактеризира сопственикот на клубот како лажго. Сепак ситуацијата на Бери е подобра отколку онаа на Болтон бидејќи клубот од околината на Манчестер веќе пронашол нов купувач. Доколку овие тврдења се веродостојни, на Бери ќе му бидат доделени уште неколку дена за да ја стабилизира ситуацијата во клубот.



