Неверојатна трка проследивме од Велика Британија – токму тоа што се очекува од легендарна патека како Силверстон !
Имено, трката почна со доста непријатна сцена кога во првата кривина Квартараро загуби контрола над својот мотоцикл, а на него налета несреќниот Андреа Довициозо кој заврши во болница, а својот Дукати го остави во пламен.
Во продолжение гледавме права трка помеѓу Маркез, Ринс, Вињалес и Роси. „Докторот” го загуби контактот зад водечката група, па на крај се бореа тројцата Шпанци. Права драма имавме до последниот круг, а ситуацијата кулминираше во последната кривина кога Ринс со фуриозен маневр стигна до победата. Зад себе го остави Маркез кој доцнеше само 13 илјадинки, а третата позиција му припадна на Вињалес. Јамаха, освен третата, ја завзема и четвртата позиција преку Роси, а одличен резултат постави и Франко Морбидели кој заврши петти.
Прв пат после два месеци на патеката се врати и Хорхе Лоренцо кој на крајот ја завзема 14. позиција.



