Градот Фалкирк е сместен во централниот дел на Шкотска и изобилува со богата историја и брои популација од 35 000 луѓе.
Дел од богатата историја завзема и спортот. Имено, Фалкирк е седиште на два фудбалски клуба – Фалкирк ФК и Ист Стирлингшир.
Фалкирк ФК е основан во 1876 година. Изминатата сезона клубот доживеа релегација во третата шкотска лига откако ја заслужи последната позиција во т.н. Чемпионшип.
Фалкирк држи два интересни рекорди поврзани со шкотскиот фудбал. Заедно со Ст. Џонстон го држат рекордот за најмногу освоени титули во шкотската втора лига (7), а вториот рекорд е поврзан со највисок број на освојувања на шкотскиот Челенџ Куп (4), куп што го освоија последен пат во 2012.
Ист Стирлингшир е клуб што првично бил формиран од страна на Беинсфорд Блубонетс Крикет Клуб во 1881 во селото Беинсфорд во околината на Фалкирк. Во 1921 клубот се преселил во Фалкирк, на стадионот Броквил Парк што бил оддалечен околу половина километар од домашниот стадион на Фалкирк ФК – Фирс Парк. Токму во тој период ривалството се разгорeло и донело неколку незаборавни средби. Моментално Ист Стирлингшир е член на петтата шкотска лига и ги игра своите натпревари на истиот стадион како и нивниот градски ривал – Фалкирк Стадиум.
Сезоната 1981-1982 е последен пат кога и двата тима биле во иста дивизија. Од тогаш па сè до сега имаат одиграно само четири меѓусебни дуели. Последниот од нив датира од 31 јули 2015 во првата рунда на шкотскиот Лига Куп – меч што Фалкирк го доби со убедлив резултат од 5-0.
Најголемата победа на Ист Стирлингшир над Фалкирк ФК изнесува 9-0. Тоа се случило во финалето на Стирлингшир Куп во 1888. Точно половина век подоцна, Фалкирк со ист резултат оствари вендета во полуфиналниот меч на Дистрикт Инфирмари Шилд. Сепак најголемата победа во рамките на попрестижно натпреварување ја држи Фалкирк со 6-0 во втората дивизија во 1961.
Најпрвиот натпревар на овие две екипи од компетитивен карактер се одиграл во октомври 1889 кога ждрепката ги споила во третата рунда од шкотскиот куп. Ист Стирлингшир победил 6-1, а интересен е фактот дека двајцата браќа во победничкиот состав, Мајкл и Томас Харли, претходно играле за Фалкирк.



