Бервик Ренџерс ФК е фудбалски клуб кој потекнува од англиското гратче Бервик-Апон-Твид што се наоѓа на 4 км јужно од шкотско-англиската граница. Низ историјата, градот бил често под власт на Шкотска, но во 1482 бил конечно превземен под власт на Англија. Овој град се наоѓа поблиску до главниот град на Шкотска – Единбург, отколку до најблискиот поголем англиски град – Њукасл. Како резултат на тоа, Бервик Ренџерс ФК игра во шкотските фудбалски лиги. Ова е единствениот тим од Англија што игра во Шкотска. До 1942 имало обратен случај, Гретна ФК (тим од Шкотска) кој играл во англиските фудбалски натпреварувања пред да се врати во својата држава. Официјално, тимот е основан на 7 јануари 1884 иако според некои записи се верува дека почетоците датираат уште од 1881. Првиот компетитивен меч на Бервик Ренџерс бил против друг тим од истиот град наречен Ројал Оукс на 16 февруари 1884. Бервик Ренџерс славеле со 1-0. Околу 1905 година, Бервик Ренџерс се приклучил во шкотската фудбалска асоцијација. Настапувал низ ниските шкотски лиги, а во 1955, после промена на форматот на дивизиите, тимот бил сместен во тогашната Дивизија Б (моменталната четврта лига). Од тогаш, па сè до претходната сезона, Бервик Ренџерс играа во шкотските фудбалски лиги. Во сезоната 2018/19 го завземаа последното место и после плејоф-елиминацијата од Коув Ренџерс, доживеаја релегација во петтиот ранг.
Бервик Ренџерс имаат пружено доста респектабилни настапи во шкотскиот фудбал. Меѓу нив спаѓаат победите над Данди Јунајтед од 3-0 во 1954 во шкотскиот куп, победата од 1-0 над Глазгов Ренџерс во 1967 пред рекордната публика од 13 365 гледачи во шкотскиот куп и рекордната победа од 8-1 над Вејл оф Леитнен. Во позначајните натпреварувања, Бервик Ренџерс имаат освоено две титули и две втори места. Најголем успех им е освојувањето на третата лига во 1978/79 и освоеното второ место во истата лига во сезоната 1993/94. Другата титула им е од четвртата лига во сезоната 2006/07.
Од клупските рекорди можеме да ги издвоиме рекордот за најголем пораз од 9-1 од Хамилтон во 1980, рекордот за најмногу постигнати голови – 115 и најмногу настапи за тимот – 435 од Eric Tait, како и рекордот за најмногу победи во низа – 8 во шампионската сезона 2006/07 во четвртата лига. Уште од 1954, натпреварите ги играат на стадионот Шефилд Парк што брои капацитет од 4099 гледачи и 1366 седишта.
Aвтор: Eпов Насе



