Најстариот професионален фудбалски клуб во Англија, а воедно и во светот е Нотс Каунти. Овој клуб е основан во 1862 во Нотингем, Англија. Уште од своите почетоци, ,,страчките” играат во англиските професионални лиги. Моментално играат во т.н. Лига 2 (четврти ранг во англиските фудбалски дивизии). Во долгата историја на Нотс Каунти спаѓаат рекордните 29 релегации и промоции како и освоениот ФА Куп во 1894 година. Во првите педесетина години од своето постоење Нотс смениле неколку домашни стадиони. Во 1910 година се преселиле на стадионот ,,Медоу Лејн” кадешто играат до денешен ден. Интернационалец: Нотс Каунти може да биде горд со фактот дека од нивните редови дошол играч кој учествувал во првиот интернационален меч. Станува збор за дефанзивецот Ернест Гринхалг кој играл за селекцијата на Англија во историскиот дуел со нивниот северен сосед – Шкотска.
Фудбалска лига:
Вкупно 12 екипи учествувале во формирањето на првата англиска фудбалска лига во 1888 година. Еден од тие тимови бил токму и Нотс Каунти кој ја завршил првата сезона на претпоследната позиција. Последната позиција му припаднала токму на вториот најстар професионален англиски клуб – Стоук. Наредната сезона ,,страчките” ја освоиле третата позиција што воедно е нивниот највисок пласман во првата англиска лига. Истата позиција ја освоиле и десет години подоцна.
Двете финалиња на ФА Купот:
Првото натпреварувачко финале на најстариот професионален фудбалски тим било финалето на ФА Купот на 25 март 1891. Во финалето Нотс биле совладани од Блекбурн Роверс со резултат од 3-1. Три години подоцна, на 31 март 1894, Нотс го освоиле својот прв трофеј совладувајќи го Болтон со 4-1 во финалето на ФА Купот. Натпреварот ќе остане запишан во историјата заради две достигнувања. Имено, играчот на домаќините, Џими Логан, постигнал хет-трик во тој натпревар. Тоа бил вториот хет-трик во историјата на натпреварите од ФА Купот. Друг значаен факт е дека со оваа победа, Нотс станал првиот тим што го освоил ФА Купот, а не играл во првата дивизија.
Во тој период црно-белите играле во втората лига. Помошта за Јувентус: Уште од периодот окулу 1890 година, Нотс Каунти играат во својата традиционална црно-бела опрема. Дел од таа опрема му била донирана на италијанскиот гигант Јувентус во 1903 година. Приказната поврзана со овој настан е следната: имено играчите на Јувентус имале свои дресови коишто со тек на време ја изгубиле бојата од претераното перење. Јувентус побарале помош од единствениот англичанец во својот тим – Џон Севиџ. Џон се обратил кај свој драг пријател кој живеел во Нотингем и бил страствен навивач на Нотс Каунти. Токму тој човек испратил опрема во Торино и црно-белите бои станале симбол на популарната ,,стара дама”. На 8 септември 2011 година, Јувентус во чест на отварањето на својот нов стадион, организирал пријателски натпревар со Нотс Каунти. Натпреварот завршил 1-1 со головите на Лука Тони и Ли Хјус. Ривали: Најголеми ривали на Нотс Каунти се токму нивните градски ривали Нотингем Форест. Нивните стадиони се оддалечени помалку од 500 метри. Заради честите лигашки дуели се развило ривалството и со соседниот Мансфилд Таун, а други ривали од географски аспект се Дерби Каунти, Лестер, Честерфилд и Линколн.
Трофеи:
Освен гореспоменатиот ФА Куп од 1894, Нотс има освоено уште неколку титули. Тимот од Нотингем ја освојувал втората лига три пати (во сезоните 1896/97 ; 1913/14 и 1922/23). Шампиони на Третата Дивизија Југ биле во два наврати (во 1930/31 и 1949/50). Три пати биле најуспешни во четвртата англиска лига (во 1970/71, 1997/98 и 2009/10). Во сезоната 1994/95 Нотс Каунти го освоил и англо-италијанскиот куп.
Нотс Каунти е клуб со најмногу настапи во англиските фудбалски лиги. Заклучно со сезоната 2017/18, Нотс Каунти има одиграно вкупно 4940 натпревари.
Автор : Eпов Насе



