Еден од македонските музички евергрини од 1978 година добива нова звучна и визуелна приказна. Дац и Александар со нова интерпретација оживуваат песна која пред речиси пет децении беше изведена од групата „Македонија“ на Скопскиот фестивал.
Новото издание е музичка посвета на легендарниот композитор Славе Димитров, по повод неговиот 80. роденден, а зад современиот аранжман и продукцијата стои Дарко Димитров.
Музиката е на Славе Димитров, текстот на Иван Карадак, а во изведбата покрај Дац и Александар учествуваат и придружните вокали Маја Гроздановска Панчева и Билјана Ѓошева.
Песната добива и впечатлива визуелна приказна. Видеоспот комбинира реални сцени со изведувачите и AI-визуелни решенија, претворајќи ја музиката во бајковита филмска кабаре-приказна.
Со ова издание, Дац и Александар не само што враќаат во живот една музичка епоха, туку и оддаваат почит на авторот кој остави неизбришлив белег во македонската музика.




