Македонската пејачка Сара Мејс го претстави видео записот за својата најнова песна „Не ме сакаш“, проект што носи силна емоција, модерна продукција и внимателно изградена визуелна приказна.
Спотот е реализиран под режисерската палка на Дениз Абдула, кој уште еднаш ја потврдува својата креативна препознатливост преку динамичен и естетски впечатлив пристап. Во видеото, покрај Сара, се појавува и македонскиот актер Стефан Николовски, чија улога дополнително ја засилува емотивната нишка на приказната.
Музиката и текстот за „Не ме сакаш“ се авторско дело на Сара Мејс, што ѝ дава личен печат и искреност на целокупната композиција. За аранжманот се погрижи познатиот музичар Роберт Билбилов, кој внесе современ звук и продукциска зрелост.
Зад визуелниот изглед на спотот стои директорот на фотографија Димитар Атанасоски, додека монтажата е дело на Дејан Трпчевски. Тимот успеа да создаде видео што суптилно ја следи емотивната линија на песната и ја надополнува со внимателно избрани кадри и атмосфера.
„Не ме сакаш“ претставува уште едно зрело музичко остварување во кариерата на Сара Мејс – искрена, интимна и визуелно впечатлива приказна што лесно допира до публиката.




