Младата пејачка Мартија ја претстави својата нова песна и видео запис „Не барај ги ангелите“, емотивна балада која, според неа, е нејзиното најискрено и најлично музичко остварување досега.
Станува збор за суптилна и длабока композиција што носи силна порака за соочување со реалноста, прифаќање на болката и пронаоѓање сила во сопствената ранливост. Со внимателно одбрана музичка продукција и впечатлива визуелна приказна, Мартија отвора ново, позрело поглавје во својата кариера.
Музиката и продукцијата се дело на докажаниот хитмејкер Дарко Димитров, аранжманот го потпишува Роберт Билбилов, додека текстот е на Робин Зимбаков. Тимот зад песната создаде моќна балада која се издвојува со својата емоционална длабочина и современ звук.
Стајлингот во видео записот е реализиран во соработка со Љупка Митрова и модниот бренд Mitroff, со што визуелниот идентитет добива дополнителна естетска вредност.
Видео записот е во продукција на Sustain Production, во режија на Даниел Јовески, а премиерата е објавена на нејзиниот официјален YouTube канал.




