Ракометната Суперлига сезонава носи жестока битка за титулата најдобар стрелец, но по 17 одиграни кола едно име се издвои над сите – Димитар Димитриоски. Ракометарот на Прилеп со импресивни 122 постигнати голови е апсолутен лидер на листата на стрелци и во моментов изгледа недостижен за конкуренцијата, иако некои од нив имаат натпревар помалку.
Димитриоски бележи просек од 6,78 гола по натпревар, а неговата ефикасност е на врвно ниво – 81% реализација од вкупно 150 обиди. Особено значаен е неговиот придонес од линијата за седум метри, каде што е исклучително сигурен и често ја презема одговорноста во клучните моменти. Освен головите, неговата игра се одликува со борбеност, лидерство и континуитет, што го прави вистински мотор на прилепскиот состав.
На втората позиција се наоѓа Мохамед Азиз Бен Махфоудх од Еурофарм Пелистер 2 со 105 голови, додека третото место го делат Филип Николов (Бутел) и Давор Палевски (Пролет 62) со по 100 погодоци. Палевски се истакнува со фантастична реализација од 84%, што го прави еден од најефикасните стрелци во лигата.
Во друштвото на најдобрите е и Александар Стојков од МРК Куманово со 94 гола и висок процент на успешност, што ја заокружува елитната „топ 5“ листа на стрелци во Суперлигата во овој момент.




