Со силна почит кон македонското музичко наследство, младата пејачка Мина Блажев ја претстави својата нова преработка на безвременската народна песна „По друм одам мајче“. Ова е шеста песна од проектот „Македонијо, во срце те носиме“, кој има за цел да ја оживее македонската традиционална музика преку современи аранжмани и млади изведувачи.
Во новото музичко видување на маестро Николче Мицевски, песната добива модерен звук, но го задржува својот препознатлив дух и емоционална длабочина. Преку топлата и искрена интерпретација на Блажев, „По друм одам мајче“ повторно добива живот, носејќи порака за љубов, тага и истрајност – вредности вградени во колективната меморија на македонскиот народ.
Проектот, зад кој стои Скендеровски продукција, веќе се истакна со успешно реализирани преработки на познати песни како „Не кажувај либе добра ноќ“ (Огнен Здравковски), „Како пиреј“ (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите“ (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша“ (Спасен Силјаноски) и „Ја излези стара мајко“ (Марија Спасовска).
Со секоја нова изведба, проектот сѐ повеќе ја потврдува својата мисија – да го зачува и пренесе македонскиот музички дух на новите генерации.




