Вечерва од 18:00 часот сениорската ракометна репрезентација на Македонија во историскиот натпревар против Франција ќе го отвори Европското првенство во Германија. Македонија и Франција мечот ќе го одиграат на „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф.
Ова е фудбалска арена која е специјално приспособена за овој натпревар и ќе биде првиот ракометен натпревар во историјата кој ќе се одигра пред повеќе од 53.000 гледачи.
“Да бидам искрен, не чувствувам притисок бидејќи ги земам предвид трудот и времето кои сум ги посветил на ова што го правам. Не би дозволил со ништо тоа да го компромитирам, едноставно сакам да го дадам максимумот. Сè што имам научено да го прикажам на теренот. Со нетрпение очекувам да почне првенството. Да ги реализираме целите кои ги имаме, тактиката која ја имаме разработено и грешките да ги намалиме на минимум. Доколку го испочитуваме тоа што ни е дадено како инструкција, тоа ќе биде успех. Треба да покажеме квалитет и борбеност, а што и да се случи ќе биде за добивање на искуство и кревање на нивото – индивидуално и колективно“ – изјави Милан Лазаревски, пикерот на Вардар кој игра во одлична форма оваа сезона.




