Вечерва од 18:00 часот сениорската ракометна репрезентација на Македонија во историскиот натпревар против Франција ќе го отвори Европското првенство во Германија. Македонија и Франција мечот ќе го одиграат на „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф.
Ова е фудбалска арена која е специјално приспособена за овој натпревар и ќе биде првиот ракометен натпревар во историјата кој ќе се одигра пред повеќе од 53.000 гледачи.
„Македонија може да се претстави во добро светло ако бидеме сплотени на теренот и направиме сè што имаме зацртано претходно. Нема лесно да се предадеме и ќе се бориме до последната секунда на теренот. Важна ни е поддршката од трибините, тоа ќе ни даде дополнителен мотив за борба и да оставиме срце на теренот. Спортски е да се надевате на шанса и против репрезентации како Франција и Германија, ќе се надигруваме и ќе дадаме максимум на теренот“, изјави младиот репрезентативец Марко Митев.




