
Во шестото коло од грчката Супер лига, по 146. пат во елитата, силите ги одмерија ПАОК и Панатинаикос.
Имено, на ,,Тумба” во Солун, Панатинаикос дојде до 93. меѓусебна победа, откако славеше после пресврт со 1-2.
Во првото полувреме, Нелсон Оливеира (18′) постигна погодок за ПАОК, кој беше само втор примен гол на Панатинаикос во тековната сезона.
Сепак, во вториот дел, на ,,крилјата” на Аитор Канталапиедра (51′, п. 73′), гостите од Атина стигнаа до нови три бода.
Шпанецот успеа во два наврати да го совлада Доминик Котарски и да дојде до шестиот погодок на последните три средби, односно до седмиот гол во сезоната за првото место на листата на стрелците.
Панатинаикос е единствен стопроцентен тим во Супер лигата и го држи врвот со осумнаесет бодови, наспроти единаесетте поени на Волос, на Олимпијакос и на ПАОК, кои ги заземаат наредните три места.




