
Во првото полуфинале на НРЛ, Парамата Илс ги совладаа НК Каубојс на гостински терен со резултат од 20-24.
На овој начин, ,,Јагулите” се пласираа во првото финале после 2009, каде што ќе ја бркаат првата титула после 1986.
Во првото полувреме, Илс поведуваа во два наврати, а ,,Каубоите” успеваа двапати да дојдат до израмнување.
На почетокот на вториот период, Каубојс стекнаа прво водство, но Парамата направи серија од 12-0 и дојде до конечна победа.
За претставниците на Квинсленд, Валентин Холмс погоди четири шутеви, а по еден есеј имаа Рубен Котер (11′), Лусијано Леилуа (25′) и Мареј Таулаги (52′).
На спротивната страна, одговорен за шутевите беше Митчел Мосес (4/4 конверзии), а топката во противничката енд-зона ја внесоа Вил Пенисини (6′), Реган Кемпбел-Џилард (18′, 57′) и Маика Сиво (64′).
Во големото финале, закажано за 2 октомври на ,,Акор Стадиум” во Сиднеј, Парамата ќе игра против победниците од дуелот помеѓу Пенрит Пантерс и Саут Сиднеј Рабитохс.




