
Регуларниот дел од сезоната на АФЛ го достигна својот климакс во последното коло.
Имено, мечот на ,,сè или ништо”, кој го решаваше последниот патник во плејофот, беше воедно и најстарото дерби во лигата помеѓу Карлтон Блус и Колингвуд Мегпајс.
Накрај, после ,,пеколна” завршница пред 88 287 гледачи на ,,Мелбурн Крикет Граунд”, Мегпајс победија со (10.14) 74-75 (11.9).
На овој начин, Колингвуд скокна на третото место и избори најмалку два натпревари во нокаут-фазата, а Карлтон остана на деветтата позиција, овозможувајќи им плејоф на Вестерн Булдогс, кои денес ги совладаа Хоторн Хокс.
Карлтон, на средината на сезоната, беше на третото место, но учинокот од шест порази на последните осум средби го остави без настап во плејофот веќе деветта година по ред.
На мечот, ,,Страчките” почнаа фуриозно, но со серијата од 51-8 во третата четвртина, Блус влегоа во последниот период со +24.
Сепак, Мегпајс го добија четвртиот квартал со 31-6 и им ги ,,скршија срцата” на навивачите на своите најголеми ривали, а притоа влегоа во топ 4.
Најефикасни во нападот на Карлтон со по два гола беа Чарли Карноу (2.5), Хари МекКај (2.3), Џеси Мотлоп (2.0) и Адам Чера (2.0).
Од друга страна, клучен фудбалер на Колингвуд со два гола во финишот беше Џејми Елиот (2.1), а поефикасен од него беше само Џејк Гиниван (3.0).




