
Фудбалскиот клуб Судтирол го постигна најголемиот успех во својата историја, откако стана шампион на групата А од италијанската Серија Ц.
За претставниците на Болцано, оваа титула е најпрестижна во витрините, која им донесе второлигашки фудбал за првпат во своето постоење.
,,Црвено-белите” станаа шампиони, откако во последното триесет и осмо коло славеа со 0-2 на гостински терен кај Триестина во Трст.
Стрелец и на двата погодоци беше вториот голгетер во гостинските редови – Даниеле Казираги (41′, 64′).
Избраниците на Иван Јаворчиќ се наоѓаа околу врвот во текот на целата сезона, притоа имајќи ја најдобрата одбрана со само девет примени погодоци.




