
Иако Англија се смета за колевка на фудбалот, сепак, овој спорт драстично се проширил низ цела територија на Велика Британија во втората половина деветнаесеттиот век.
На шкотско тло, односно во населбата Партик, која во 1912 станала дел од Глазгов, во 1876 година бил формиран фудбалскиот клуб Партик Тисл.
Популарните „Џегс“ го одиграле својот прв натпревар против локалниот клуб Валенсија на 19 февруари 1876 на игралиштето „Оверњутон Парк“ во близина на денешниот парк Келвингроув.
Сепак, во 1908, Тисл ја напуштил матичната населба Партик, го задржал своето оригинално име и од 1912 се преселил на сè уште актуелниот „Фирхил Стадиум“, кој се наоѓа во населбата Мерихил во Глазгов. Првиот меч на „Џегс“ на овој стадион датира од 18 септември 1909, кога бил совладан составот на Дамбартон Харп со 3-1.
Авантури низ првите две дивизии:
Од 1877 до 1891, Партик играл само во локалните купови пред да стане член на Шкотската Алијанс лига во 1891/92. Оттогаш, па сè до 1901/02, клубот членувал во првите две лиги со тоа што ја освоил и првата титула во Втората дивизија во 1897.
Од 1902/03 до 1969/70, Партик бил редовен член на Првата дивизија, која во неколку наврати доживеала реформи и промени на името (Дивизија 1, А Дивизија, Јужна лига, Западна Дивизија).
Во 1970/71, клубот од „Фирхил Стадиум“ одиграл една сезона во втората лига со експресно враќање назад во елитата, но до 1997/98 уште бил во постојано движење помеѓу првите две дивизии.
Пад и подем:
Најголемиот пад во својата дотогашна историја, Тисл го имал во сезоната 1998/99, кога, поради финансиски проблеми, бил релегиран во третата лига (Втора дивизија). Навивачите успеале да го вратат клубот во второлигашкото друштво со кампањата „Да ги спасиме Џегс“ (Save the Jags).
Периодот од 1996 до 2006 бил многу нестабилен за Партик бидејќи клубот изборил дури три промоции и четири релегации помеѓу првите три лиги.
Во 2005/06, „Џегс“ ја освоија Втората дивизија, а враќање во Премиершип изборија како шампиони на Првата дивизија во 2012/13 под водство на тренерот Алан Арчибалд, кој моментално го тера својот втор мандат во клубот како помошник на главниот менаџер – Иан МекКол.
Од 2017, овој клуб беше повторно вратен во Чемпионшип (втора лига) од каде што доживеа уште една релегација во сезоната 2019/20 поради системот „поени по натпревар“, воведен заради КОВИД-19. Сепак, после една сезона во Лиг 1 (трета лига), Партик се врати во Чемпионшип и претендира за влез во шкотската елита.
Трофеи:
Со исклучок на локалните натпреварувања од полупрофесионален и од аматерски карактер, Партик има десет трофеи во своите витрини.
Клубот од околината на Глазгов е шесткратен шампион на втората и двократен првак на третата лига.
Сепак, најважните титули датираат од 1920/21 и од 1970/71, кога биле освоени Шкотскиот куп и Шкотскиот лига куп.
Во финалето на Шкотскиот куп, Партик го поразил составот на Ренџерс со 1-0, но девет години подоцна, загубил од истиот ривал во финалето на истото натпреварување во реваншот (0-0, 2-1).
Што се однесува до Шкотскиот лига куп, пред 62 470 гледачи на „Хемпден Парк“, „Џегс“ направиле огромна сензација и го надиграле Селтик со убедливи 4-1.
Гарнитура:
Првичната и оригиналната гарнитура на Партик Тисл ФК била неодредена со различни бои.
Интересен е фактот дека актуелната жолто-црвено-црна комбинација била стекната во 1936/37, кога фудбалерите ги позајмиле дресовите на рагби клубот Вест оф Скотланд.
Во сезоната 2008/09, Партик станал првиот клуб во Шкотска, кој имал примарна розева боја на своите трети дресови.
Навивачи и ривалства:
Со оглед дека клубот се наоѓа во близина на универзитетски комплекс, голем дел од навивачите се локални студенти.
Поради доминацијата на Селтик и на Ренџерс во Глазгов, Партик нема бројна, но има верна публика, која се декларира како неодредена (ниту левичарска, ниту десничарска).
Поради овој факт, Тисл нема идеолошки ривали, туку само географски како: Клајд (со кој ја игра алтернативата на „Олд Фирм дерби“), Ердрионијанс (познато по бројните физички контакти помеѓу навивачите), Клајдбанк, Килмарнок, Селтик, Ренџерс и Гринок Мортон (поради битката за титулата на втората лига во 2012/13).

Маскота:
Низ светската јавност, Партик стекна огромна популарност, откако „БиБиСи“ објави дека овој клуб ја поседува најморбидната маскота.
Станува збор за сонцето Кингсли, пуштено во употреба на 22 јуни 2015, дизајниран од Дејвид Шригли за да привлече внимание.
Филмска индустрија:
На платформата „Нетфликс“, очите на љубителите на кинематографијата ги привлече серијата „Англиската игра“ (The English game, 2020), која ја раскажува приказната за првите платени фудбалери.
Имено, во 1870-тите, од редовите на Партик Тисл, Фергус Сутер и Џими Лав направиле трансфер во англискиот клуб Дарвен, каде што добивале пари за да настапат на теренот. Подоцна, двајцата фудбалери преминале во Блекбурн за поголема плата.
Според неофицијални извори, Сутер и Лав се првите професионални фудбалери во историјата на најважната споредна работа на светот.




