
Шампионот од Пјонгчанг 2018, Русија, не успеа да ја одбрани титулата во Пекинг, кога е во прашање машкиот хокеарски турнир.
Имено, Русите, во големото финале, загубија од Финска со 2-1, која го доби првото злато во екипните спортови на Олимписките игри во историјата.
Финска во потполност го неутрализираше својот ривал, дозволувајќи само 17 шутеви, од кои, 14 беа упатени во првите две третини.
Финците заслужено дојдоа до титулата, откако победија на сите шест натпревари со вкупна гол-разлика од 22-8.
Во финалето, Русија стекна почетно водство во осмата минута преку Михаил Григоренко, кој воедно беше и единствен стрелец во првата третина.
Во воведните минути од наредните два периоди, Финците двапати ја затресоа мрежата на Иван Федотов.
Најпрво, голгетер на израмнувачкиот погодок беше Виле Пока, а пресвртот го комплетираше Ханес Бјорнинен по шутот на Марко Антила.
Во битката за бронза, Словачка го доби првиот олимписки хокеарски медал, совладувајќи ја Шведска со 4-0.
Главен протагонист во историскиот триумф на Словаците беше 17-годишниот Јурај Слафковски, кој беше прогласен и за МВП на ЗОИ 2022.




