
Машката хокеарска репрезентација на Финска е првиот финалист на ЗОИ 2022, откако во полуфиналето славеше со 2-0 над Словачка.
За Финците, ова е прво финале на Зимските олимписки игри после 2006 и прв загарантиран медал после бронзата од 2014.
Од друга страна, во четвртфиналето, Словачка после пенали ги победи САД и избори полуфинале после дванаесет години.
На денешниот натпревар, Словаците беа потполно рамноправен, па дури и подобар ривал во одредени периоди.
Сепак, Финска стекна рано водство преку Сакари Манинен во шеснаесеттата минута, кое остана на семафорот до последните четириесет секунди.
Резултатскиот дефицит го натера словачкиот состав да игра со празна мрежа и со вишок играч во поле што беше искористено од Хари Песонен за поставување на конечниот резултат.
Голман на Финска беше членот на Сибир Новосибирск, Хари Сатери, кој го запиша првиот шут-аут на ЗОИ со 28/28 одбранети шутеви.
Во големото финале, Финска ќе игра против победникот од дуелот помеѓу Русија и Шведска.



