
,,Бронзениот” на 500 метри во брзо лизгање од Пјонгчанг 2018, Тингју Гао, дојде до златниот медал на ЗОИ во Пекинг во истата дисциплина.
Кинезот, освен што ја израдува домашната публика со првата позиција, исто така постави и нов олимписки рекорд од 34,32 секунди.
Со подобро време од претходниот рекорд на ЗОИ, но со послабо од кинескиот лизгач, заврши Кореецот Мин Кју Ча (34,39), кој го одбрани среброто од пред четири години.
До најдобриот резултат во кариерата дојде Јапонецот Ватару Моришиге (34,49), освојувајќи го првиот медал на Зимските олимписки игри во кариерата.
Пиедесталот за три стотинки им побегна на Лорен Дубреј (34,522) и на Пјотр Михалски (34,524), кои меѓу себе беа разделени во фотофиниш од само две илјадинки.




