
На денешниот халфпајп во машка конкуренција, Јапонија го доби првиот олимписки златен медал во својата историја во сноубординг.
Имено, по вицешампионските титули во Сочи 2014 и во Пјонгчанг 2018, до првото злато стигна Ајуму Хирано.
Хирано изведе неверојатен трик во втората серија, но доби ,,скромни” 91,75 поени, но сепак, со 96,00 бодови во третата рунда го доби посакуваното одличје.
,,Бронзениот” од минатото издание на ЗОИ, Скоти Џејмс (92,50), беше водечки после вторите настапи, но накрај мораше да се задоволи со сребро.
Швајцарецот Јан Шерер (87,25) заврши како третопласиран и го доби првото одличје на ЗОИ во својата кариера.
Во продолжение, во првите петмина се пласираа уште Американците Шон Вајт (85,00) и Тејлор Голд (81,75).




