
Откако Рафаел Бенитез доби отказ од тренерската позиција на Евертон, неговото место, засега привремено, го зазеде Данкан Фергусон.
Сепак, легендарниот фудбалер на ,,Карамелите” беше поразен од Астон Вила со 0-1 на своето второ деби на кормилото на клубот од ,,Гудисон Парк”.
Иако Евертон беше доминантен тим на теренот, гостите од Бирмингем успеаја да капитализираат еден од трите шутеви во рамките на голот на Џордан Пикфорд.
Единствен стрелец беше Емилијано Буендија (45+3′), кој и покрај фактот дека беше еден од најниските поединци на теренот, успеа да погоди со глава по центаршутот на Лука Дињ.
До пред неполна недела, Дињ ги бранеше боите на Евертон, па неговата асистенција беше пречекана со незадоволство од домашната публика, која уфрли неколку предмети кон него.
Тренерот на Астон Вила, Стивен Џерард, во играчката кариера имаше најмногу триумфи против Евертон, а истата низа ја продолжи и во менаџерските води.
На табелата, со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Астон Вила ја зазема десеттата, а Евертон – шеснаесеттата позиција.




