
Последните три слаломи од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција приредија вистински спектакли.
Најпрво, Јоханес Штролц дојде до првиот триумф во кариерата иако беше исфрлен од австриската репрезентација, а потоа, Лукас Бротен славеше откако беше дваесет и деветти после првата серија.
Денес, во центарот на алпското скијање, Кицбил (Австрија), на првата победа во кариерата се радуваше Дејв Рајдинг (1:41,26).
Воедно, ова беше и прво славје во историјата на Светскиот куп за Велика Британија, кое беше пречекано со огромни емоции од страна на сите членови на тимот.
35-годишниот Рајдинг потекнува од селото Бретертон, Ленкашир, но своите тренинзи ги одработува во Норвешка, поради фактот дека Англија има недостаток на квалитетни ски-центри.
Британецот беше петти после првата серија, а до триумф дојде, откако сите четири подобри скијачи, Џулијано Рацоли, Себастијан Фос-Солевааг, Клеман Ноел и Алекс Винатцер, направија колосални грешки во второто скијање.
Од целата завршница профитираа Лукас Бротен (+0,38) и Хенрик Кристоферсен (+0,65), кои се најдоа на подиумот.
Бротен го презеде водството во поредокот за малиот кристален глобус во слалом, додека Кристоферсен успеа да претекне дваесет и еден конкурент за да замине со бронза.
Во продолжение, под една секунда во однос на Рајдинг доцнеа уште: Микаел Мат (+0,78), Јоханес Штролц (+0,80), Томазо Сала (+0,86), Лоик Мејар (+0,88) и Марк Роша (+0,96).




