
Екипата на Вакифбанк дојде до тринаесеттата победа во низа, откако ја прекина серијата од четиринаесет триумфи на Ечачибаши.
Имено, во турското дерби во рамките на петнаесеттото коло од турската женска одбојкарска Султанлар лига, Вакифбанк триумфираше со 3-0.
Составот на Џовани Гвидети беше доминантен во текот на цел натпревар што беше доволно за освојување на трите сетови со 25-16, со 25-22 и со 25-22.
Од домашните редови, најефикасни беа Изабел Хаак со 21, Габриела Гуимараеш со 12 и Зехра Ѓунеш со 11 поени.
На спротивната страна, двоцифрени беа единствено Лаура Ерман со 11 и Србинката Тијана Бошковиќ со 13 поентирања.
На табелата, Вакифбанк го презеде второто место од денешниот ривал, а на челото и понатаму останува Фенербахче.




