
Репрезентацијата на Габон се наоѓа на прагот од пласман во нокаут-фазата на триесет и третото издание на Африканскиот куп на нации.
Имено, Габон, по воведниот триумф од 1-0 над Комори, изнуди реми од 1-1 против Гана и со четири поени го зазема второто место во групата Ц.
На првата позиција е нивниот нареден ривал, Мароко, додека Гана, со еден бод, е третопласирана селекција.
Гана имаше сè во свои раце уште од осумнаесеттата минута, кога Андре Ају рутински го совлада Жан-Ноел Амономе.
Сепак, Габон, со притисокот во финишот, успеа да израмни на 1-1 преку резервистот од клупата – Џим Алевина (88′).
По последниот судиски свиреж, на теренот настана мешаница, после која, со директен црвен картон беше ,,награден” играчот што влезе во игра само три минути претходно – Бенџамин Тетех (Гана).




