
По двата меѓусебни порази, Фулам успеа да го добие Рединг, откако во заостанатиот меч од дваесет и петтото коло од Чемпионшип славеше со високи 0-7.
Составот на Вељко Пауновиќ беше огромен аутсајдер во пресрет на натпреварот и покрај домашниот терен што се покажа и со самата игра.
Имено, домаќините упатија само три шутеви кон голот на Марек Родак, а привременото засилување, Енди Керол, постигна два спектакуларни погодоци, но од недозволена позиција.
Од друга страна, ,,судбината” на Пауновиќ ја одреди неговиот сонародник, Александар Митровиќ (45+3′ од пенал; 89′) со два гола и со една асистенција.
Со денешните погодоци, Митровиќ дојде до дваесет и четири голови во сезоната и убедливо го зазема првото место во листата на стрелците.
Освен Србинот, за лондонскиот состав стрелаа уште: Хари Вилсон (13′, 60′), Кени Тете (68′), Неескенс Кебано (70′) и Абдул-Насир Адарабиојо (75′).
На табелата, Фулам се врати на второто место, додека Рединг ја зазема дваесет и првата позиција.



