
Натпреварувачкиот викенд во Оберхоф, Германија, во рамките на Светскиот куп во биатлон, се затвори со денешните потери.
Кај мажите, деветтата победа ја запиша Квентин Фијо Маје (36:48,3), кој го остави Себастијан Самуелсон (+9,9) на втората позиција.
Во битката за бронза, Тарјеи Бо (+15,6), во фотофиниш го доби својот сонародник, Стурла Холм Лагреид (+15,7), додека победникот на спринтот, Александер Логинов (+18,5), беше петтопласиран.
Логинов беше лидер во текот на целата денешна трка, но со трите промашаи во последното стрелање, не само што го загуби триумфот, туку остана и без пиедестал.
Во женска конкуренција, победничката од петочниот спринт, Марте Олсбу Роиселанд (33:18,8) ја одбрани својата предност и со новите сто поени го зголеми водството во вкупниот поредок.
Втората позиција ја зазеде Швеѓанката Хана Оберг (+33,4), додека Белорусинката Ѕинара Алимбекава (+42,7) го комплетираше подиумот.
Заостаток помал од една минута имаа само уште двете Французинки – Жулија Симон (+51,2) и Ане Шевалие-Буше (+59,7).




