
Јоханес Штролц, човекот, кој сам ги сносува трошоците за своето скијање, откако отпадна од австриската репрезентација, направи енормна сензација.
Имено, 29-годишниот скијач триумфираше на денешниот слалом во Аделбоден, Швајцарија, што воедно претставува и негов прв подиум во кариерата.
Штролц беше седмопласиран после првата серија, но одличното второ скијање му помогна да се искачи на тронот.
На второто место, по вторпат во низа, заврши неговиот сонародник, Мануел Фелер (+0,17), а Германецот Линус Штрасер (+0,29) ја освои третата позиција.
На наредните три позиции се пласираа тројца претставници на домашната нација, односно Рамон Ценхојзерн (+0,48), Лука Ерни (+0,58) и Лоик Мејар (+0,60).
Во првите десетмина завршија уште: Алекс Винатцер (+0,66), Даниел Јул (+0,68), Џулијано Рацоли (+0,75) и Лук Винтерс (+0,77).
Во првата серија отпаднаа тројцата првопласирани во поредокот во слалом во пресрет на трката – Себастијан Фос-Солевааг, Кристофер Јакобсен и Клеман Ноел.
Поголем трагичар од нив беше и четвртопласираниот во истиот поредок, Алексис Пантуро, кој згреши во втората серија, борејќи се за подиум, а најголема услуга на Штролц му направи лидерот после првото скијање, Фабио Гштрајн, грешејќи во вториот сектор.




