
Дваесет и седмото коло на англиската Лиг 1 беше отворено со дербито помеѓу Викомб Вондерерс и Сандерленд.
Стадионот ,,Адамс Парк” беше исполнет речиси до последното место, а еден ден пред натпреварот беа распродадени сите гостински билети и сите паркинг-места.
Во неверојатен натпревар, со уште пофантастична завршница, двете екипи ги поделија бодовите, ремизирајќи со 3-3.
Сандерленд поведе со автоголот на голманот Дејвид Стокдејл (3′), кој несреќно ја пикна топката во својата мрежа, откако ударот со глава на Рос Стјуарт заврши во пречката, па во неговото тело.
Половина час после примениот гол, Вондерерс направија пресврт со головите на Анис Мехмети (13′) и на Сем Воукс (36′).
До крајот на полувремето, Стјуарт (39′) упати уште еден прецизен удар кон голот на Стокдејл, за заминување на пауза со резултат од 2-2.
Во второто полувреме, ,,Црните мачки” ја посакуваа победата и поведоа со 2-3 во третата минута од судиското продолжение преку одличниот Стјуарт.
Сепак, домашната публика доживеа делириум во завршните секунди, кога Џоу Џејкобсон (90+8′) го совлада Ентони Патерсон со глава после корнер за поставување на конечниот резултат.
На табелата, Сандерленд го зазема второто, а Викомб – третото место, но со натпревар повеќе во однос на конкурентите.




