
Откако неколку дена кружеа шпекулации за неговото заминување од Наполи, од денес, официјално, Лоренцо Инсиње е назначен како ново засилување на Торонто.
Капитенот на Наполи ги бранеше боите на клубот од својот роден град повеќе од една деценија и досега одигра 319 натпревари, на кои постигна 89 погодоци, односно го зазема четвртото место за најдобар стрелец во клупската историја.
Инсиње потпиша договор на четири години со екипата од МЛС, а во редовите на канадскиот состав ќе се пресели во јули, откако ќе му истече договорот со Наполи.
,,Одвај чекаме Лоренцо да ни се придружи наредното лето. Тој има специјална способност за креирање прилики за гол за себе и за своите соиграчи.” – рече тренерот на Торонто – Боб Бредли.
,,Ова е историски и многу емоционален ден за нашиот клуб. Лоренцо е напаѓач од светска класа и е во подемот на својата кариера. Стана европски шампион со Италија и со Наполи настапуваше на најпрестижните натпреварувања. Има талент за менување на играта, игра со страст и нашите навивачи ќе бидат среќни што го имаме овде.” – прокоментира претседателот на Торонто – Бил Менинг.




