
На последното натпреварување од јубилејната седумдесетта Новогодишна турнеја, одржано во Бишофсхофен, Австрија, до првата победа во кариерата дојде Даниел Хубер.
Австриецот беше второпласиран после првата серија, а златото го освои со скоковите од 136,5 и од 137 метри.
Воедно, Хубер стана прв Австриец со триумф во Бишофсхофен во рамките на Новогодишната турнеја после Михаел Хајбок од сезоната 2014/15.
Актуелниот шампион, Халвор Егнер Гранеруд, го зазеде второто место, пред третопласираниот Карл Гајгер.
На четвртата позиција се пласираше Јукија Сато, додека Рјоју Кобајаши заврши како петти.
Кобајаши триумфираше на сите три претходни натпреварувања од турнејата и денешниот пласман му беше сосема доволен за освојување на ,,Златниот орел” по вторпат во кариерата (претходно беше шампион во 2018/19).
На денешното скокање, во првите десетмина завршија уште: Роберт Јохансон, Јан Херл, Маркус Ајзенбихлер, Ловро Кос и Мариус Линдвик.
Во генералниот поредок на турнејата, зад Кобајаши (1162,3) се пласираа Линдвик (1138,1) и Гранеруд (1128,2).




