
Екипата на Амур Хабаровск ја израдува малобројната публика во ,,Платинум Арена” во последниот меч од 2021 година.
Имено, ,,Тигрите” ја остварија првата домашна победа над СКА Ст. Петербург после 2007, откако денес триумфираа со 3-2.
Само во два наврати во текот на цел натпревар, хокеарите на Амур добија дисциплински казни од по две минути, кои беа казнети од гостинскиот состав.
Додека СКА имаше играч повеќе на ледената плоча, за 0-1 стрелаше Андреј Кузменко, а за 1-2 погоди Антон Бурдасов.
Од друга страна, за домаќините израмнување донесоа Глеб Зирјанов и Александер Горшков, а само 52 секунди после вториот погодок, долгоочекуваната победа ја донесе Сергеј Терешченко.
И покрај поразот, СКА остана на лидерската позиција на Западот, додека Амур го зазема деветтото место во Источната конференција.



