
Поранешниот рагбист, Кевин Синфилд, кој моментално е дефанзивен тренер на рагби клубот Лестер Тигерс, важи за еден од најголемите хуманитарци во спортскиот свет.
Во ноември минатата година, Англичанецот објави дека ќе истрча седум маратони за седум дена со цел да собере 77 777 фунти за лекување на својот поранешен соиграч, Роб Бароу, кој боледуваше од амиотрофична латерална склероза.
АЛС е нервно заболување, кое се карактеризира со дегенерација на моторните неврони (клетки во ‘рбетниот и во главниот мозок), кое води до парализа или до смрт.
Идејата на Синфилд беше позитивно прифатена од пошироката јавност, а до крајот на седмиот маратон, цифрата на донираните пари достигна над 1,2 милиони фунти.
Вчера, Синфилд комплетира уште едно достигнување за лицата кои боледуваат од АЛС.
Имено, 41-годишниот хуманитарец истрча 101 милја (162,5 км) за 24 часа и на тој начин собра уште 700 000 донирани фунти.



